Што е деменција?
Деменцијата влијае на размислувањето, однесувањето и способноста да се извршуваат секојдневните работи. Функцијата на мозокот е доволно засегната за да влијае врз нормалниот општествен или работен живот на лицето. Обележје на деменцијата е неспособноста да се вршат секојдневните активности како последица на намалените спознајни способности. . Во спознајни функции спаѓаат помнењето, способноста за говор, разбирањето на информациите, способноста за снаоѓање во просторот, расудувањето . На луѓето со деменција може да им биде тешко да решаваат проблеми и да си ги контролираат чувствата. Тие исто така доживуваат промени во својата личност.
Точните знаци што ги има некое лице со деменција зависат од деловите на мозокот што се оштетени од болеста што ја предизвикала деменцијата. Кај многу видови на деменција, некои од нервните клетки во мозокот престануваат да функционираат, ги губат врските со другите клетки и се уништуваат. Деменцијата обично се засилува со текот на времето. Тоа значи дека постепено се шири низ мозокот и симптомите што ги има лицето со текот на времето стануваат повидливи.
Причините за деменција се поврзани со возраста на личноста, најчесто деменција се јавува кај постари лица, но може да се јави и кај помладата популација. Друг фактор кој влијае за појава на деменција е генетиката, односно доколку постарите генерации имаат деменција, многу е веројатно таа да се пренесе и на другите генерации. Некои чинители што се поврзани со здравјето и со начинот на живот исто така играат улога во опасноста некое лице да заболи од деменција. Луѓето кај кои постојат чинители поврзани со крвните садови, а што не се лекуваат, вклучувајќи ги лицата со висок крвен притисок, се изложени на поголема опасност, како и оние што се помалку телесно и ментално активни.
Кои се раните знаци на деменција?
Раните знаци на деменција може да бидат многу незабележливи, нејасни и може да не бидат веднаш очигледни. Како чести знаци на деменција се сметаат:
- Често губење на сеќавањето што постепено сè повеќе се влошува – да се следи лицето кога губењето на меморијата почнува да му влијае на секојдневниот живот.
- Збунетост и загубеност – индивидуите не само што често се во ситуации каде што неможат да се сетат на датум и место на некој настан, туку тие често пати неможат да се сетат на сегашниот датум и време.
- Промена на личноста – често имаат чувство на депресија, збунетост, анксиозност, не се способни рационално да носат одлуки и имаат потешкотии при решавањето на секојдневни проблеми, кои во минатото лесно ги решавале.
- Незаинтересираност за околината и повлекување во себе- повлекување од фамилијарни, социјални и активности поврзани со работата. Кај овие лица има и чувство на срам затоа што забораваат и затоа се изолирааат.
- Губење на способноста за извршување на секојдневните работи – кај овие лица има потешкотии во извршување на секојдневни работи затоа што доаѓа до заборавање на основните работи, како на пример заборавање на местото на некои предмети.
Што може да се направи и како да се помогне?
Засега нема лек за повеќето облици на деменција. Меѓутоа, установено е дека некои лекови може да намалат некои од знаците на болеста. Поддршката е од основна важност за луѓето со деменција, а помошта од семејствата, пријателите и негувателите може да придонесе полесно справување со оваа состојба.
Во нашата установа има стручен тим кој со посебен пристап се грижи за овие лица. На овие лица им е потребно љубов, нега, грижа и бараат посебно внимание. Преку социјални активности и разговор, кај овие лица може да дојде до стагнација на дијагнозата, односно деменцијата да не прогресира.
Кај лицата кои имаат деменција многу е важно да не се чувстуваат дека се отфрлени од општеството и дека повеќе не се потребни. Со потенцирање на нивната важност и значење, тие се чувствуваат корисни и дека сеуште можат да придонесат во општеството.
Преку реминисцентни активности, односно потсетување за некои минати значајни настани, тие добиваат на значење дека ќе бидат слушнати и дека ни е важно тоа што имаат да кажат. Успехот од добро завршената задача, односно дека успеале да се присетат на нешто е од неизмерно значење за нив.
Човекот расте и се развива во контакт со други индивидуи, нашата егзистенција зависи од контактот со другите луѓе. За таа цел контактот помеѓу корисниците, како и контактот помеѓу корисниците и негователите е многу значаен, и се залагаме овој контакт да го оддржуваме и да биде искрен контакт направен од срце. Нашата установа има хуманистички пристап на работа, каде што секој корисник е многу значаен за нас, и се залагаме да му помогнеме, со нежен и грижлив тон, со прегратка, со добар збор, со насмевка.