Значењето на менталното здравје
Ментално здравје претставува можност за прилагодување кон нови ситуации, справување со проблеми, успешно реагирање кон стресот. Да се биде ментално здрав не значи секогаш да се биде насмеан и весел, туку значи успешно прилагодување кон ново настанати ситуации. Да се биде флексибилен кон околината и кон решавање на проблемите е особено битно за добро функционирање на човекот.
Доколку нашето ментално здравје е нарушено, ние неможеме соодветно да се справиме со проблемите, се чувствуваме изгубено и без гледање на можност за надминување на тешкотиите.
Грижата за менталното здравје е особено битна, таа е подеднакво важна како и грижата за физичкото здравје. Тие се во меѓусебна релација. Доколку сме ментално здрави и успешно функционираме, тогаш и телото ќе ни биде здраво и силно. Но доколку ментално сме нестабилни, доколку има некој проблем кој не вознемирува, тогаш и телото ќе чувствува болка.
Да се грижиме за менталното здравје , значи да се грижиме за себе, за нашите мисли, чувства, внатрешни процеси. Да реагираме во согласност со нашите потреби , ставови и вредности е грижа за себе.
Во нашата установа ние постојано се грижиме за менталното здравје на нашите корисници. Тоа го правиме преку разговор со психолог, организирани индивидуални и групни активности, како на пример активности за вежбање на меморија и когниција, активности за мислење и расудување, активности за поврзување и сложување итн. Оддржувањето на физичкото и менталното здравје е особено важно во нашата установа. Физичките вежби, раздвижувањето во дворот на установата, разговорите помеѓу корисниците само дополнително помагаат за добросостојба на Нашите корисници.
Менталното здравје кај лицата со деменција е нарушено, поради прекинати врски на невроните во мозокот. Тие неможе адекватно да се адаптираат на новонастанати ситуации, неможат да планираат и правилно да расудуваат. Но менталното здравје, не е само користење на мозочните клетки, туку е многу повеќе од тоа. Менталното здравје е поврзано и со емоциите, чувствата на индивидуата, што кај лицата со деменција се многу силно изразени.
Лицата со деменција се многу посензитивни за сите емоции, тие сите настани ги доживуваат со силен интензитет на чувства.
Затоа во нашата установа односот со ваквите лица е исполнет со позитивни емоции, со поддршка и разбирање. Внимаваме како ќе се однесуваме со нив и со каков тон на гласот ќе разговараме. Тие се исплашени и се во свет на чувства и настани кои се случиле во минатото.
Преку дружење и социјализација им помагаме на нашите корисници адекватно да се адаптираат на сместувањето во нашата установа.